Ацев блескаше на голот, Вардар Неготино убедлив против Радовиш

Ракометарите на Вардар Неготино им се вратија на победите во борбата за опстанок, откако во натпревар од 9. коло од плеј-аут фазата во Супер лигата славеа убедливо против Радовиш со 33:22.

Вардар Неготино во првото полувреме постојано беше во водство, но без голема комоција во играта. Максималната предност на домаќините во првиот дел беше четири гола разлика (11:7), додека во најголемиот дел од првите 30 минути имаше два до три гола предност. Екипата на Мијалов пружи силен отпор во првото полувреме, на моменти успешно им парираше на домаќините, но кратката ротација си го направи своето.

Откако домашниот тим на полувреме замина со ,,плус три” 15:12, во вториот дел следуваше пад во играта на гостите, кои до 43-та минута постигнаа само три гола. Домашниот табор на крилата на Адамовиќ и Орешков дојде до убедливо водство од 23:15. Предноста на Вардар Неготино растеше поради грешките на ривалот, кој остана без сили во вториот дел. Стратегот на домаќините Петар Ангелов шанса во финишот им даде на најмладите од клупата.

Најефикасни во победничката екипа беа Лазар Адамовиќ со десет и Ѓорѓи Орешков со седум погодоци. Домашниот голман Даниел Ацев блескаше меѓу стативите со 15 одбранети удари.

Листата на стрелци кај гостите беше предводена од Филип Трајанов со шест и Александар Марков со пет реализации.

Во следното коло Вардар Неготино ќе гостува во Скопје кај истоимената екипа. Радовиш за следен ривал ја има Јуниор КВ, која денес во интересен натпревар славеше над Голден Арт.