Јуниор КВ освои важни бодови – Голден Арт падна во Кисела Вода

Бодовите од скопската пресметка од 9. коло во плеј-аут фазата во Супер лигата меѓу екипите на Јуниор КВ и Голден Арт ги освои домашната екипа триумфирајќи со 22:18. За Јуниор КВ освоените три бода се од голема важност во борбата за опстанок.

Домашниот тим парираше само во воведниот дел, во кој двете екипи имаа проблеми со реализацијата. По нерешените 1:1, избраниците на Глигоров влегоа во ритам, лесно постигнуваа голови низ пропустливата одбрана на ривалот во првите 15 минути и до крајот на полувремето беа во резултатска предност, најмногу до пет гола разлика. Јуниор КВ вториот гол го постигна дури во 10-та минута за намалување на негативата на 3:2, но гостите постигнаа четири гола во низа и кон крајот на првата половина имаа плус пет, 7:2.

Ракометарите на Јуниор КВ во последниот период од првото полувреме успеаја да стопат дел од предноста на гостинот. Голден Арт одржуваше три до четири гола предност и откако поведе со 10:6 им дозволи на домаќините да се доближат на 10:8. Гостинот се консолидира и со голот на Христоски зголеми на 11:8. До паузата, двете страни постигнаа уште по два гола, така што по 30 минути игра резултатот беше 13:10 во корист за тимот на Глигоров. Судиите Вукашиновски и Трајковски во првото полувреме покажаа вкупно пет исклучувања, две за домаќинот и три за гостите.

Ракометарите на Јуниор КВ во продолжението го презедоа водството, направија серија од 4:0 и во 40-та минута имаа 14:13. Тимот на Голден Арт, кој остана без Славе Јанковски поради три исклучувања, односно црвен картон, речиси повеќе од 10 минути беше без реализација. Со голот на Гучески, гостите излегоја од „црната дупка“. По голот на Гучески, следуваше реализација на средниот бек Миланов, по што Голден Арт го врати водството  победувајќи со 15:14.

Иако Голден Арт направи исчекор и поведе со 17:15, сепак, Јуниор КВ не се предаваше и во 50-та минута израмни на 17:17 за неизвесен финиш. Следуваше период од две-три минути без реализација на двете екипи, а домаќинот со погодоците на Ристовски и Петровски на пет минути пред крајот направи ,,плус два” 19:17. Во последните минути Голден Арт немаше решение за мотивираните домаќини.

Предводник во победничката екипа беше Дарио Симоноски со осум погодоци, по четири постигнаа Филип Димевски, Димитар Ристовски и Филип Петровски. Кај Голден Арт се истакна Христијан Милошески со шест погодоци.