Арсеновски: Можеме да го повториме ланскиот успех, ќе ни треба поддршка за европските натптревари

Изненадувањето од минатата сезона, Еурофарм Пелистер 2, денес ги стартуваше подготовките за новата натпреварувачка сезона. Со остварени цели во претходните две сезони, екипата собра многу симпатии и се избори за европско место во квалификациите во Лига на Европа.

Тимот е во конструкција, но пак се потпира на млади македонски играчи. Единствен странец во Еурофарм Пелистер 2 е младиот црногорски голман Василије Печурица, кој дојде од Струга. Во тимот на Александар Јовиќ останува кружниот напаѓач Филип Арсеновски, ракометар кој во претходните две сезони беше меѓу носителите на играта и во напад и во одбрана.

Арсеновски истакна дека иако Еурофарм Пелистер 2 ќе настапи со подмладен состав во новата сезона, сепак, успехот, кој што беше направен во изминатата сезона ќе може да се повтори. Во изминатата сезона клубот го освои четвртото место во македонската елита.

Младиот ракометар ја повика битолската публика да дојде во што поголем број за европските натпревари.

,,Нов почеток дури и со подмладена екипа во споредба со претходната сезона. Имаме неколку заминувања, неколку нови ракометари, но ќе продолжиме со истиот дух. Секако дека Еурофарм Пелистер 2 може да ја повтори претходната сезона во која бевме четвртопласирани. Остваривме голем резултат за битолската публика и за градот. Ќе ги повикам гледачите кога ќе ги играме европските натпревари да дојдат да нè поддржат, бидејќи ќе оставиме срце на терен. Првиот дел од подготовките ќе ги минеме во Битола, вториот од 13 август се селиме во Маврово, каде ќе играме контролни натпревари. Максимално ќе се подготвуваме за сезоната која ни претстои и за натпреварите во ЕХФ Лига Европа”, изјави Арсеновски.

Јовиќ прозиваше, Еурофарм Пелистер 2 со подмладен состав во новата сезона (ФОТО)