Ангелов броеше до 11, Драчево го торпедираше голот на Младост

Екипата на Драчево убедливо го совлада ланскиот суперлигаш, Младост од Богданци со 38:21 во рамките од 6. коло во Првата машка лига и освои три големи бодови. Натпреварот беше решен во вториот дел кога ракометарите на Драчево погодуваа речиси од сите позиции и ги казнуваа грешките на својот противник.

Гостите од Богданци во воведниот дел од натпреварот отворија со водство од 2:0. Избраниците на Велимир Настески возратија со два гола во низа за 2:2, но потоа следуваше серија од 3:0 на Младост со головите на Пеев, Караиванов и Михајловиќ за 5:2.

Незапирливиот Ангелов кој постигна неколку гола во серија, како и малата опуштеност во екипата на Младост донесоа неизвесност до крајот на првиот дел. Екипата на Драчево израмни на 8:8, а по неколку минути игра повторно дојде до предност од еден гол разлика, 9:8. Во последните пет минути, Младост покажа подобра игра и замина на полувреме со предност од 13:9.

Во почетниот дел од второто полувреме, Драчево направи решавачка серија од 7:0 за 16:13. Во листата на стрелци кај домаќинот започнаа да се запишуваат и другите ракометари, а нивното водство беше зголемено на највисоки четири гола предност, 18:14, во 38. минута.

Драчевци стигнаа до седум гола предност, 22:15 и сосема јасно беше дека ракометарите на Младост ќе имаат тешка задача за да ја преполоват негативата. На петнаесетина минути пред самиот крај, водството на Драчево изнесуваше плус 11, 27:16. Ракометарите на Драчево го наполнија голот на Младост до последната секунда и се израдуваа на петтата победа која беше изразена со 17 гола разлика.

Најефикасен во составот на Драчево беше Иван Ангелов со 11 гола, а седум додаде Александар Димовски. Во екипата од Богданци најефикасен беше Стојанче Наумовски со пет гола.