АНАЛИЗА НА ЗОРАН ПЕТКОВСКИ: Словенците нè потценија, но потоа се виде квалитетот и силната клупа

Беше дел од Светското првенство во Египет 1999, кога Македонија за прв пат се претстави на еден Мундијал, а сега ја анализира македонската селекција која ќе игра во Египет децении подоцна...Зоран Петковски за 24Ракомет го анализира натпреварот Македонија-Словенија.

Македонија дозна за настапот на Светското првенство два дена пред почеток на шампионатот. Момците заминаа на ден пред стартот и не беа ни физички ни психички подготвени. Се гледа и како болно реагираат на секоја дуел игра. Неколку играчи веќе и се повредија.

Евидентна е смена на генерацијата и за оние кои доаѓаат и остануваат ова е големо искуство. Од сцена се симнуваат многу репрезентативци, кои последните десетина години приредуваа одлична забава во јануарските денови и бевме на високо ниво и славевме. Убаво што се задржува континуитетот, но оваа екипа не е за големи резултати. Мораме да прифатиме дека таму сме за стекнување искуство и да се направи што побезболно примопредавање.

Треба да ги добиеме Костески, Мишевски, Танкоски, Кузманоски… млади играчи кои треба да се наметнат и покажат. Исто така и Мартин Серафимов и ова да биде увертира да го завериме убавиот старт на квалификациите за следното Европско првенство што го имавме и каде очекувам пласман на истото. Има многу работи во приказната и треба да се довршат успешно.

На денешниот дуел се виде дека Словенците нè потценија и нè влегоа 100 проценти. Затоа беше во тој период до 22-23 минута егал. Потоа дојде до израз квалитетот и силната словенечка клупа. Селекторот Врањеш изротира многу играчи, а Лесјак беше извонреден и имаше околу 50 проценти одбранети удари.

Има мал наредок во однос на дуелите со Чиле и се виде дека не сме како на првите две средби, но мора многу повеќе да работиме за да фатиме приклучок и да се доближиме до европскиот крем.

Ме израдува настапот на Филип Талески, кој постигна три гола. Момчето е во тешка криза и влезе во депресија која трае повеќе од една година. Овие три гола се надевам ќе му бидат импулс за да покаже дека може да игра ракомет. Многу е разнишан и тешко се носи со ситуацијата.

Кузмановски е попргав и дава добри партии, има адреналин и желба. Лазаров е играч кој многу го задолжи македонскиот ракомет. Сепак, се чувствуваат годините и тој е свесен на својата возраст и на сето она што се случуваше пред 4-5 години. Потребен е и понатаму и за финишот на оние квалификации што нè очекуваат. Без него тешко оди.

Голманите се најдобриот дел од тимот. Митревски и Томовски се одлична двојка. Се надополнуваат одлично, а на голманската позиција сме најпокриени и таму најлесно ќе го пребродиме условно кажано заминувањеот на Ристовски. Полека, но сигурно на секоја позиција  новопечените репрезентативци да се докажат и покажат дека можеме да го продолжиме патот кој го постави претходната генерација и да нè водат кон нови успеси.