АМС објави номинации за најдобрите во 2022 – во конкуренција Лазаров, Ризоска, сениорите, кадетките…

Агенцијата за млади и спорт ги објави номинациите по категории за традиционалниот избор на Спортист на годината. Ракометот како спорт ќе има свои претставници во пет од осумте категории.

Кире Лазаров е номиниран во категоријата најдобар тренер/селектор. Лазаров со Македонија беше дел од ЕП 2022, а ја однесе нашата репрезентација и на СП 2023 година. Негови конуренти се Дејан Митровски (кик-бокс), Бобан Данов (борење), Бранимир Јовановски (стрелаштво) и Бобан Ѓоровски (фитнес и боди билдинг).

Во категоријата за најдобра млада спортистка е номинирана Емилијана Ризоска, членка на шампионот Ѓорче Петров, а претходно на битолски Феникс, а нејзини конкурентки се Марија Петровска (карате), Даниела Алексовска (бразилска џиу-џицу), Теодора Димовска (самбо) и Јадранка Темелкова (кик-бокс). Таа настапи на СП за кадетки во Македонија, како и сениорското ЕП исто така во Македонија.

Во категоријата најдобри национални тимови, кај мажите номинирани се сениорската репрезентација која беше дел од ЕП 2022 во Унгарија и Словачка, додека кај дамите номинирани се сениорките, кои настапија на ЕП 2022 во Македонија, како и кадетките, кои беа дел од СП 2022 во Македонија.

Во категоријата најуспешна федерација е номинирана РФМ, заедно со уште четири спортски федерации.

Во гласањето кое што ќе трае до 19 декември, ќе учествуваат сите медиуми и спортски федерации.