Алушовски: Ќе се обидеме да излеземе како победници против Флензбург

Ракометарите на Вардар ги привршуваат подготовките за утрешниот дуел против составот на Флензбург во Лигата на шампионите, а ова ќе биде прв дуел за Вардар после оној на стартот во 1. коло против Мешков Брест.

„Црвено-црните“ не ги одиграа дуелите против Елверум и Пик Сегед бидејќи ЕХФ ги одложи така што сега ќе можат конечно да се вратат на терен и да одиграат натпревар на кој се очекува да се види колку ракометарите се подготвиле во овој месец без официјални средби.

Алушовски на располагање освен Јагуриновски кој е во изолација ги има сите други играчи бидејќи сите се подготвени за настап така што ќе може да го има речиси најсилниот состав.

Останува да ја подготви тактиката за овој дуел и да се излезе најдобро што може на терен, а вели дека противникот е анализиран и дека ќе може да се покаже вистинското светло. Воедно и дека Вардар има свои шанси против тимот од Германија кој има одлични резултати во Лигата на шампионите сезонава.

„За нас ова е прв натревар на домашен терен. Еден месец немаме одиграно натпревар. Флензбург е во предност ако може да кажеме така бидејќи е во натпреварувачка форма. Ние еден месец само тренираме. Одигравме два пријателски натпревари, но не е исто. Она што го очекувам е без разлика на сè машка и борбена игра од наша страна. Го анализиравме противникот. Не сме без шанси иако го победија ПСЖ на гости и не знаат за пораз досега“, вели тренерот на Вардар, Стевче Алушовски.

Тој смета дека вардарци може да најдат противигра и утревечер да се борат за бодови против тимот од Германија.

„Ќе се обидеме да излеземе како победници на овој дуел. За мене е важно мојата екипа да биде подобра од она последно издание во Мешков и мислам дека на крај можеме да се радуваме. И Флензбург има проблеми со повредени играчи и нема многу голема ротација, но во моментов се во мала предност поради подобрата натпреварувачка форма што не значи дека ние нема да направиме сè за да излеземе како победници“, коментира Алушовски.

Натпреварот се игра утре од 20:45 часот во салата во СЦ „Јане Сандански“, а веќе се знае дека нема да има присуство на публика.