Алушовски: Треба сите да се погледнеме во очи…

Ракометарите на Вардар претрпеа тежок пораз на првиот дуел од осминафиналето против составот на Веспрем откако денеска одиграа натпревар со многу голови и резултат 27:41.

Стратегот на Вардар, Стевче Алушовски веќе им го честита пласманот на гостите во четвртфиналето, иако има да се игра уште еден натпревар.

„Честитки за Веспрем за пласманот во четвртфиналето, иако има уште еден натпревар на гости. Отворивме многу лошо на стартот, во ситуација кога имавме двајца играчи повеќе, Веспрем ни направи серија од четири погодоци. Меѓутоа што е, тука е. Понекогаш е подобро да се остане дома отколку да се игра ваков наптревар, мора да извлечеме поуки. Треба да се погледнеме и да видиме до каде сме. Тежок пораз за мене како тренер, за клубот, за претседателот, за навивачите. Но мора да се гледа напред и во четврток да бидеме подобри отколку денеска“, вели Алушовски.

Десниот бек Јосип Векиќ вели дека лошиот старт бил пресуден за високиот пораз од унгарскиот тим.

„Лошо го отворивме мечот, Веспрем го казни тоа со лесни голови и направи разлика која беше тешко подоцна да се стигне. Имавме две ситуации шест на четири во кои не успеавме да се приближиме, па потоа предноста константно растеше“, изјави Векиќ.

Реваншот меѓу Веспрем и Вардар се игра на 8 април со почеток во 18:45 часот.