Алушовски: Ова е голема победа, но нема време за славење, нѝ следува Порто

После победата од 31:26 против тимот на Флензбург во кој Вардар доминираше во текот на целата средба кај вардарци владее одлична атмосфера и сите можат да бидат задоволни од направеното.

Тренерот Стевче Алушовски има причина да биде задоволен и тоа го потврди во коментарите.

„Ова е голема победа која ќе ни даде поттик за понатаму. Момците покажаа карaктер, иако немаа еден месец натпревар одиграа одлично. Добро гоимавме анализирано Флензбург и ова беше резултат на таа игра. Немаме време за славење туку ни следува дуел со Порто и мораме да се подготвиме за тој натпревар. Ова се големи два бода за нас кои ќе ни дадат многу за пласманот во осминафиналето“, коментираше Алушовски.

Тој вели дека критиките кои ги има не се ништо ново, но и дека се труди да ја работи својата работа и да одговори на предизвиците.

Денеска тоа се виде добро на теренот каде сè функционираше како што се посакуваше и како што беше договорено пред почетокот на средбата.

„Во Македонија сите се паметни. Јас се трудам да ја работам мојата работа максимално посветено и коректно. Момците добро ме следат и се надевам дека и понатаму ќе имаме вакви средби во Лигата на шампионите“, коментираше Алушовски на пресот после натпреварот.

Следниот дуел за Вардар е на 22 октомври од 20:45 часот, а ривал ќе биде тимот на Порто за кој настапува Никола Митревски.