Алкалоид не запира, донесе уште еден репрезентативец во своите редови!

Екипата на Алкалоид, која веќе започна со подготовките за новата натпреварувачка сезона, донесе ново засилување во своите редови. Станува збор за ракометарот од младинската школа на Еурофарм Пелистер, Валентин Карасманакис.

Младиот и перспективен ракометар со репрезентацијата на Македонија настапи на ЕХФ шампионатот за младинци во Варна и ќе биде дел од македонската експедиција на ЕХФ шампионатот за кадети, кој ќе се одржи во периодот од 8 до 14 август во престолнината на Летонија, Рига.

Карасманакис најверојатно ќе настапува за вториот тим на Алкалоид, Мултиесенс, новоформираниот клуб кој ќе се натпреварува во Првата лига и во својата дебитанска сезона ќе се обиде да обезбеди пласман во македонската елита.

Покрај тренерот Лазаров, кој во исто време ќе продолжи да ја извршува и селекторската функција во сениорската репрезентација, Алкалоид донесе уште петмина македонски репрезентативци.

Станува збор за голманот Благојче Трајкоски, пивотот Никола Маркоски, како и бековите Михајло Младеновиќ, Едвин Омерагиќ и Марко Митев. Добија и засилување во стручниот штаб, искусниот Јане Цветковски, кој ќе работи со голманите.

Алкалоид во Суперлигата ќе игра во групата А заедно со Вардар, Куманово, Вардар Неготино, Охрид, Струга, Прилеп и Бутел Скопје, додека Мултиесенс во прволигашкото друштво за противници ги има екипите на Работнички, Македонија ЃП, Кичево, Бисинов, Текстилец, Јехона, Шампион, Овче Поле и Младост Богданци, во рамки од првата група.