Алкалоид го пополнува тимот со нов репрезентативец

Кога ќе се пријавуваат за ваучер од АМС, тогаш новиот прволигаш Алкалоид сигурно ќе може да смета на висока сума, бидејќи во ростерот ќе имаат многу репрезентативци. А тоа е една од ставките што носи многу бодови при рангирањето. Ново име на списокот на скопскиот клуб е уште еден сениорски репрезентативец кој реши својата кариера да ја продолжи во Скопје. Тимот од другата на страна на булеварот во Автокоманда за следната сезона се засили со пивотменот Никола Марковски (31).

Стружанецот кој сега настапува за Еурофарм Пелистер според информациите на 24ракомет има договорен трансфер кој ќе биде на најмалку две сезони. Истиот ќе се реализира од јуни откако ќе заврши сезонава. Тој веќе ги информирал одговорните во битолскиот клуб дека летово заминува и дека ќе оди во Скопје.

Маркоски потекнува од Струга, долги години беше член на Вардар и Металург, а во кариерата ги носеше дресовите и на Работнички и Зомимак Струмица, пред да замине во унгарскиот Орошази, каде што мина две сезони до 2018 година. По четири години кружниот напаѓач се реши да ја напушти Битола. За репрезентацијата на Македонија во сениорскиот тим настапува од 2014 година.

Новиот прволигаш од Скопје кој е на чекор до директен влез во Супер лигата за в година ќе има репрезентативен состав, во кој досега се приклучија Михајло Младеновиќ и Марко Митев. Нивни соиграчи се и сениорските репрезентативци Кристијан Симоноски, Игор Ѓорѓиев и Мартин Серафимов. Во најава има и други засилувања за в година.

За следната сезона веројатно на клупата на Алкалоид ќе седне и нов тренер. Сегашниот Љубомир Савевски според информациите во ракометните клубови ќе биде повеќе посветен на женскиот ракомет, бидејќи во ноември Македонија ќе биде домаќин на сениорското ЕП, а тој и сега е селектор на жените.