Алкалоид гази се пред себе – и Македонија ЃП мина на редот

Тимот на Алкалоид продолжува со убедливите партии во прволигашката конкуренција. Низата беше продолжена со триумфот над Македонија Ѓорче Петров со 19 гола разлика, 38-19.

Ако го изземеме дуелот со Голден Арт, и овој натпревар на Алкалоид се одвиваше по слично сценарио како и сите други досегашни. Победникот решен уште по првото полувреме, откако домаќините направија предност од 13 гола разлика, 20-7.

Во вториот дел се измешаа поставите на теренот, шанса за настап добија поголем број ракометари од двете екипи, но разликата во корист на домашните само се зголемуваше. Михаил Иваноски доби црвен картон поради трето исклучување, но ниту тоа не ја поремети играта на Алкалоид.  Сите грешки на гостите беа казнувани со лесни погодоци од контранапади до конечните 38-19.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа десното крило Александар Стојков со девет и десниот бек Мартин Димовски со седум гола, додека кај Македонија Ѓорче Петров се истакнаа Александар Ѓорѓевски со пет погодоци. Со овој триумф, Алкалоид останнува на врвот на табелата во групата Б со вкупно 31 бод три повеќе од вториот Голден Арт кој има 28.