Алжир нема да игра на Африканското првенство, а причина е – политиката

Машката репрезентација на Алжир нема да учествува на африканското првенство поради зголемените тензии со Мароко. Според алжирските медиуми, репрезентацијата на Алжир го откажала настапот на турнирот во Мароко кој треба да се одржува во периодот од 13 до 23 јануари, 2022 година.

Одлуката за повлекувањето на алжирската репрезентација не беше големо изненадување. Алжир на 24 август ги прекина сите дипломатски односи со Мароко поради „непријателски дејствија“ од мароканска страна.

Пред една недела, Алжирското претседателство најави затворање на воздушниот простор на земјата за сите марокански авиони, цивилни и воени.

Поради сериозната ситуација, репрезентацијата на Алжир освен што ќе го пропушти африканското првенство, исто така ќе го пропушти и Светското првенство во 2023 година. Првите пет најдобро пласирани земји од африканското првенство обезбедуваат настап на Светското првенство, па така селекцијата на Алжир нема да биде во можност да бара виза за мундијалот во Полска и Шведска.

Од последните десет Светски првенства, Алжир обезбеди учество на седум. Најголемиот успех го оствари на Светското првенство во 2001 година кога се пласира на 13. позиција. На Африканското првенство во 2020 година заврши на третото место и обезбеди учество на СП кој се одржа во Египет, 2021 година.