Алборг не дозволи изненадување – го остави Мешков Брест на дното

Екипата на Алборг во рамките од 11. коло од Лигата на шампионите триумфираше против последнопласираниот тим од Групата А, Мешков Брест, со резултат 33:30.

Ракометарите на Мешков Брест пружија солиден отпор во првото полувреме против фаворизираниот тим од Данска, иако во неколку периоди имаа голем пад во играта. Предводени од екс ракометарот на Вардар, Сташ Скубе, домаќините го отворија натпреварот за водство од 1:0, а потоа на двапати имаа минимално водство од 2:1 и 4:3.

До првата половина од првото полувреме се играше изедначено и гол за гол. По нерешениот резултат од 8:8, Алборг направи серија од 5:0 за највисоко водство од 13:8. Тука беше скршен отпорот на домаќинот, кој до крајот на првото полувреме ја подобри играта во напад и одбрана, но не можеше да направи комплетен пресврт.

Со три гола во низа, кои беа постигнати од Бонфон, Шумак, и Вајлупов, Мешков Брест ја преполови негативната разлика и намали на само два негатива, 12:14. До крајот на првото полувреме немаше промена на резултатот, па така ракометарите на Алборг на пауза заминаа со два позитива, 17:15.

Во второто полувреме, Вајлупов намали на 16:17 најавувајќи интересни втори 30 минути. Алборг не му дозволуваше на противникот да се врати во игра и константно беше во водство од еден до два гола разлика до 43 минута. Ракометарот на Алборг, Мелгард Јенсен, со својот трет погодок го зголеми водството на својот тим за 24:21 на петнаесетина минути пред крајот.

Овие три погодоци позитива за ракометарите на Алборг беа доволни да продолжат во побрз ритам и секоја грешка на противникот во последниот дел ја казнуваа со погодок. Веќе при резултат од 29:23 во 50. минута беше јасен кој е победник, сепак, се чекаше да се одигра завршниот дел кој повеќе наликуваше на формалност.

Најефикасни во победничката екипа беа Феликс Клар со седум и Лукас Сандел со шест погодоци. Во редовите на Мешков Брест, најефикасен беше Сташ Скубе со осум погодоци, додека втор стрелец беше Микита Вајлупов со седум гола.