„Ако не тренираш неколку дена, ќе полудиш – гаражите се искршени, ѕидовите се оштетени!“

Првенството во Полска е завршено, а шампион стана Келце, додека второто место го освои Висла Плоцк.

Ракометарите на вицепрвакот тренираат индивидуално, а десниот бек Константин Игропуло во интервју за рускиот „Брз Центар“, вели дека не се подготвени за толку долга пауза. Натпревари ќе нема најмалку до јуни.

„Тоа е долг период. Не сме подготвени за толкава пауза од неколку месеци. Не е како во НБА – таму играат интензивно во текот на целата сезона, а потоа подолго одмораат. Низ годините, ние создадовме ритам на активност и на одмор, па не е лесно тоа да се промени. Сепак мораме да тренираме, а тоа не му пречи на ниту еден од момците. Но тешко е во карантин по интензивни тренинзи. Секој ќе полуди. Сите се трудиме некаде да се „истуриме“ – гаражите се искршени, ѕидовите се оштетени. Знам по себе – ако не тренираш неколку дена – стануваш лут, како куче…“, вели Игропуло.

Тој останува во Полска, а Висла Плоцк ја очекува осминафиналната пресметка против унгарскиот Веспрем на почетокот на јуни.