„Ако не работиш – нема да имаш што да јадеш, ако не работиш за крави – ќе останеш без сирење и млеко

Еден од најголемите адути на селекторот Ненад Перуничиќ и на Србија на претстојното Европско првенство ќе биде голманот на Веспрем, Владимир Цупара. Во отсуство на Дејан Милосављев, тој ќе ја добие улогата на прв голман.

Покрај за очекувањата од ЕП, Цупара за српските медиуми говореше и за кариерата во Веспрем, како и за тоа што ужива да прави по крајот на играчката кариера.

„Заминувањето во Веспрем е круна, сон за секој ракометар. Станувам и легнувам, среќен и исполнет. Покрај Барселона и Кил, Веспрем е најголем клуб, вистинска машинерија, рај за секој ракометар. Таму сакаат само трофеи и ништо друго не ги интересира. Секако, приоритет е европската титула, таа единствено му недостига на Веспрем, се надевам дека годинава ќе ја освоиме“, вели Цупара.

Тој слободното време го минува на село во Црна Гора.

„Често одам во Црна Гора, распустот своевремено го минував во тоа село кое има само седум куќи. Таму уживам и одморам. Привилегија е да имаш такво место каде што секогаш можеш да одиш. Таму научив дека ако не работиш, нема да имаш што да јадеш. Ако не работиш за кравите, ќе останеш без сирење, млеко, кајмак…Мора да се грижиш сам за себе. Таму стекнав работни навики, уживав во земјоделските работи. Тоа многу ме привлекува. Сакам да се занимавам со овоштарство, земјоделство, но ќе видиме има време. Сакам животни, би сакал да имам коњи, за мене тоа се совршени животни. Сакам да јавам и тоа многу ме опушта“, завршува Цупара.

Голманот на Веспрем ќе биде еден од најголемите адути на Србија на ЕП. Нашиот сосед на континенталниот собир ќе игра во групата А во Грац со Црна Гора, Хрватска и Белорусија.