Ако Вардар ја добие Барселона за ривал, сигурно ќе игра и против Нант и ПИК Сегед

Ждрепката за новата сезона во Лигата на шампионите ќе се одржи на 1 јули, а со оглед на изменетиот систем на натпревари, ЕХФ воведе промени и во рангирањето на екипите.

Од оваа сезона во елитното натпреварување ќе играат 16 екипи, а пред ждрепката се поделени во четири шешири, за разлика од досега кога беа во осум. Вардар се најде во првиот шешир, заедно со Вепсрем, ПСЖ и Барселона, но еден од овие тимови ќе му биде ривал.

Шешир 1: Барселона, ПСЖ, Вардар, Веспрем
Шешир 2: Кил, Келце, Алборг, Порто
Шешир 3: Мешков Брест, Мотор Запорожје, Нант, ПИК Сегед 
Шешир 4: Фленсбург, Целје, Елверум, Загреб

Како и досега, два клуба од иста држава не може да играат во групната фаза, а тоа може да ја одреди насоката на ждрепката.

Ако ривал на Вардар од првиот шешир биде Барселона, тогаш автоматски ривали стануваат Нант и ПИК Сегед од третиот шешир, а Мотор и Брест ќе бидат во група со Веспрем и ПСЖ. Ако ривал на Вардар од првиот шешир биде ПСЖ, тогаш станува јасно дека Нант нема да биде ривал, но ПИК Сегед ќе биде. Во другата група би биле Веспрем, Барселона, Нант…Ако ривал на Вардар од првиот шешир биде Веспрем, тогаш сигурно е дека Нант повторно ќе дојде во Скопје, а ПИК Сегед ќе биде во групата со Барселона и ПСЖ како лани. Останува Кил и Фленсбург да бидат распределени во две групите, па ако Вардар го добие Кил, сигурно нема да игра со Фленсбург и обратно.

Од вториот шешир сигурно е подобра опција да се игра со Порто и Алборг, отколку со Келце и Кил, додека од четвртиот би било одлично кога во групата на Вардар би се паднал аутсајдерот Елверум.

Ждрепката за групната фаза ќе се одржи на 1 јули во 18:00 часот.

Најтешка група: Вардар, Барселона, Кил, Келце, Нант, ПИК Сегед, Загреб, Целје

Најлесна група: Вардар, ПСЖ, Алборг, Порто, Мотор Запорожје, ПИК Сегед, Фленсбург, Елверум