Азоти го бара(л) Душебаев, Келце не го дава!

Според пишувањата на полскиот сајт sportowefakty.wp.pl, екипата на Азоти Пулави испратила понуда до Келце за еден од нивните креатори и носители на играта – Алекс Душебаев.

Претседателот на Келце, Бертус Сервас не ја демантираше оваа ситуација, но кратко и јасно истакна дека Шпанецот останува и наредната сезона во дресот на шампионот на Полска.

„Алекс и понатаму ќе игра за нас“, беа зборовите на Сервас.

Алекс Душебаев има договор со Келце до 2022 година. Според полските медиуми пандемијата на коронавирусот не предизвикала финансиски проблеми во Азоти и тие испратиле неверојатна понуда до Келце.

Душебаев настапува во Келце од 2017 година кога по освојувањето на титулата европски првак го напушти Вардар и се пресели во Полска.

Азоти Пулави има големи амбиции за следната сезона, го потпиша и левиот бек Микал Јурецки, кој во минатото беше дел од Келце, но трансфер на Душебаев ќе биде еднакво на сензација.