Аеродром ја совлада Јехона, ќе игра бараж за Суперлига

Екипата на Аеродром, која своите натпревари ги игра во Автокоманда, денеска во последното (10) коло од плеј-оф фазата во Првата лига триумфираше против Јехона, со резултат 33:24.

Ракометарите на Аеродром сезоната во прволигашкиот плеј-оф ја завршуваат на 6. позиција. Тоа значи дека избраниците на Дарко Петровски ќе играат бараж за пласман во Суперлигата, а противник во бараж дуелот, кој ќе се игра на неутрален терен, ќе биде екипата на Радовиш или Скопје.

Домашниот состав мораше да го даде својот максимум во вторите 30 минути за да дојде до посакуваната победа бидејќи во првиот дел, гостите од Гостивар дадоја силен отпор и целосно беа во резултатска игра, иако, во поголемиот дел од првиот дел заостануваа на два-три гола разлика.

Аеродром со головите на Митев и Николовски поведе во воведниот дел со 3:1 и започна да гради стабилно водство, кое по дваесетина минути игра изнесуваше плус четири гола разлика, 10:6. Сепак, гостите, кои на овој натпревар настапија со само 11 ракометари, со серија од 3:0 намалија на 10:9 и до крајот на првото полувреме успешно им парираа на домаќините. По 30 минути игра, резултатот беше 14:12 за домашната екипа.

Гостите поради „кратката“ клупа не можеа да издржат во второто полувреме, започнаа полека да го губат натпреварот и веќе при резултат од 25:18 за Аеродром, јасно беше дека бодовите ќе останат за домашната екипа. Шанса во последниот период од натпреварот добија и ракометарите со помала минутажа, но, и покрај промената на поставите во двете екипи, немаше поголема промена на резултатот.

Најефикасни во победничката екипа беа Андреј Петрески со шест и Бојан Николовски со пет погодоци. Во редовите на Јехона се истакнаа Стефан Бошковски со седум и Александар Налетовски со шест погодоци.