Откако пред четири сезони во регионалната СЕХА лига играше тимот на Пекинг Универзитет, одново ќе има кинески тим во ова натпреварување.
Станува збор за Ист Кина, кој настапува во белорускиот шампионат и ќе биде преставник на Белорусија во дивизијата „Исток“, пишува „Брз Центар“.
Минатата сезона во оваа дивизија на СЕХА играа осум екипи – по четири од Белорусија и Русија, а во новата сезона ќе има плус две – Виктор Ставропол и Ист Кина.
Според најавите од Русија, ќе се игра и дивизијата „Југ’, но не сите екипи што играа лани, па веќе се бараат нивните замени.
Вице-претседателот на СЕХА, Борис Сапожњиков откри дека Веспрем останува во лигата, како и српските клубови.
„Во дивизијата „Југ“, очигледно, нема да можат да играат сите клубови што играа минатата сезона, затоа веќе им бараме замени, но ќе се воздржам од објавуање на нивните имиња. Но следното можам да го кажам со сигурност – Веспрем останува со нас, српските клубови исто така. За останатите се водат разговори. Не седиме со скрстени раце, и бараме нови можности и нови формати. Во новата сезона лигата ќе се рашири – екипи од Турција, Иран и други земји од Блискиот Исток“, изјави Сапожњиков.
Македонските и хрватските екипи веројатно се оние за кои „се водат разговори“, за продолжување на учеството во оваа конкуренција, па наскоро би требало да има нови информации на оваа тема.