Јуниор КВ амбициозно и со нов тим – со Печенковски, Илиевски, Виларов за брзо враќање во елитата

Планот на прволигашот е да се пласира во разигрувањето и меѓу тимовите што ќе се борат за пласман во Супер лигата. Ако тоа се оствари, клубот ќе донесе нови засилувања на полусезона. Засега единствен интернационалец ќе биде Црногорецот Самид Мехиќ

Тимот на Јуниор Кисела вода од денеска е на подготовки во Охрид каде што до петок ќе одработи неколку тренинзи и ќе одигра три контролни средби. По една сезона меѓу суперлигашите сега пак ќе бидат во Прва лига која сезонава ќе биде дополнително квалитетна и ќе брои 20 екипи. Планот на тимот од Кисела Вода е пласман во разигрувањето, а потоа и борба за враќање во елитата.

Составот на Јуниор Кисела вода во новата сезона е со комплетно сменет состав и со нов тренер, и амбициите се да се биде мешу најдобрите. Во екипата остана само еден ракометар од минатата сезона и тоа Стефан Крстевски кој игра на позицијата десно крило додека другите ракометари се нови.

„Имаме неклку искусни ракометари кои дојдоа во нашиот тим. Печенковски, Димовски, Симоновски, Илиевски… се играчи со кои имам и досега соработувано и со кои се договоривме брзо за соработка во тимот на Јуниор Кисела вода. Тоа се играчи кои имаат натпревари во Супер лигата, а и го знаат мојот начин на работа. Имаме и 3-4 ракометари од подмладокот, како и пет ракометари од втората екипа на Металург. Дојде и Виларов од Работнички, а ќе имаме и еден ракометар од Црна Гора, 204 сантиметри високиот бек од Црна Гора, Самид Мехиќ“, вели тренерот на Јуниор Кисела вода, Игор Котевски за 24 Ракомет.

Тој има во план да го уигра тимот во следните денови и да може подготвени да влезат во новата сезона.

„До петок имаме во план да одиграме три контролни натпревари. Утре ќе играме со Охрид, потоа чекаме одговор од Струга за натпревар в четврток. Со оглед на тоа што Струга ќе игра во Прилеп на турнир очекуваме потврда за да одиграме натпревар истиот ден попладне. На враќање кон Скопје в петок ќе играме против екипата на Кичево“, вели Котевски.

Со оглед на тоа што уште не се одредени групите за Првата машка лига, тимовите уште не ги ни знаат своите противници во есенскиот дел од сезоната. Во моментов се во исчекување, па затоа и не може да се зборува конкретно за очекувањата. Сепак, со оглед на искуството на добар дел од ракометарите кои потпишаа за Јуниор Кисела вода може да се очекува место во плеј-офот, а напролет битка за висока позиција на табелата.