Македонец пред трансфер во еден од најдобрите словенечки клубови!

Македонскиот десен бек Михаил Иваноски е на чекор до трансфер во словенечкиот гигант Горење Велење, пренесува „Хандбалиа“.

22-годишниот десен бек зимоска си замина од Автокоманда и се пресели во редовите на Ајдовшчина, каде за краток период успеа да се наметне како еден од клучните играчи на тимот. Со одличните настапи во словенечкиот шампионат, Иваноски го привлече вниманието на неколку клубови, а најсериозен интерес покажал токму Горење Велење.

Младиот Македонец во дресот на Ајдовшчина одигра 14 натпревари и постигна 65 погодоци, потврдувајќи го својот потенцијал со одлична реализација.

Доколку трансферот биде официјализиран, Иваноски ќе направи значаен исчекор во кариерата, бидејќи Горење Велење важи за еден од најреномираните и најтрофејни клубови во словенечкиот ракомет, со богата традиција и редовни настапи на европската сцена.

За македонскиот ракомет ова би било уште една потврда дека младите играчи успешно се пробиваат на меѓународната сцена и добиваат шанса во клубови со високи амбиции.