Циндриќ: Ќе играм без една нога ако треба, а лагите не сакам да ги коментирам

Во последно време како една од причините за слабите резултати на Хрватска сè почесто е споменуван Лука Циндриќ. Тој беше дел од репрезентацијата на СП во Египет, но заради повреда одигра многу малку.

И покрај разните пишувања Циндриќ не ни помислува да се откаже од репрезентацијата. Неговиот клуб Барселона гостуваше кај Загреб во Лигата на шампионите, а после мечот Циндриќ за телевизијата РТЛ порача дека ќе игра ако треба и без една нога за Хрватска.

„Јас сум секогаш тука за репрезентацијата, ако треба ќе играм и без една нога. Голема чест за мене е да играм за Хрваска и секогаш ќе бидам тука. Сите кои треба да знаат каков сум го знаат тоа, а сите текстов и лаги не сакам да ги коментирам. Секој во нашата репрезентација го носи дресот со гордост, пред сè и за нашите семејства кои се секогаш наша потпора и во пораз и во победа а исто така и за сите луѓе од Хрватска кои не поддржуваат“, рече Циндриќ.

Поранешниот играч на Вардар исто така го коментираше изборот за нов селектор на Хрватска и очекувањата од Олимписките квалификации кои треба да се играат за еден месец.

„Имаме голем предизвик пред нас, многу тешка група каде што секој натпревар е многу важен. Сигурно ќе одлучуваат детали и мораме психички да се подготвиме за тоа. Секој селектор кој ќе дојде на клупата ќе ја има мојата поддршка. Сите сме тука, се држиме заедно и тоа е патот кон успехот. Мислам дека Хорват сигурно ќе ја забрза нашата игра, фокусот ќе биде на тоа и мислам дека тоа ни недостасува. Треба да ставиме акцент на одбрана, но кога ќе се одбраниме треба да постигнеме и лесни голови“, коментираше Циндриќ.

Олимписките квалификации Хрватите ќе ги играат во Франција, а ќе имаат доста тешка работа да обезбедат пласман бидејќи ривали ќе им бидат домаќинот Франција, Португалија и Тунис. Турнирот е планирано да започне на 12 март.