Данскиот Оденсе објави дека е потпишан тригодишен договор со левиот бек на норвешката репрезентација, Рагнхилд Вале Дал. 25-годишната ракометарка во моментов игра за европскиот првак Кристијансанд.
Тимот на Скјерн објави дека од летото 2024 година ќе биде посилен за Бјарке Кристенсен. Левото крило потпиша договор на четири сезони, а во моментов е член на Колдинг и е најдобар стрелец во данскиот шампионат.
Бундеслигашот Гепинген го продолжи договорот со ветеранот Тим Кнојле за една сезона. Тој целата кариера му е верен на овој клуб и досега на 478 меча постигна 1011 погодоци.
Поранешниот словенечки репрезентативец Горазд Шкоф ќе има нова улога во бундеслигашот Ерланген. По завршувањето на играчката кариера во 2021 година, тој преминува во тренери и ќе работи со голманите во Ерланген.
Белорускиот репрезентативец Владислав Кулеш го продолжи договорот за уште еднна сезона со бундеслигашот Хановер. Тој минатото лето дојде во Германија од полскиот Келце и остави одличен впечаток.
Францускиот Монпелје ангажираше трето засилување за следната сезона. Станува збор за шпанското десно крило Хаиме Фернандес, кој доаѓа од бундеслигашот Нордхорн и потпиша договор на три сезони.
Австрискиот интернационалец Роберт Вебер заминува од Олимпијакос по само една полусезона и се враќа во Бундес лигата. Тој потпиша договор со Фуксе Берлин до крајот на сезона и ќе биде замена за повредените Линдберг и Кринц.