Титулата од СП му го промени животот, па мораше да бара помош од психолог!

Со одличниот настап и врвните изданија на Светското првенство во Египет, Данецот Матијас Гидсел имаше многу голем придонес во освојувањето светската шампионска титула, а тоа значеше и пресврт во неговиот живот.

Неговиот настап беше многу забележителен и предизвика голем интерес за дотогаш непознатото име во светскиот ракомет. После првенството Гидел го препознаваа на улица, а постојано беше баран од медиумите. Сето тоа донесе психички потешкотии за младиот Данец.

Затоа два месеци после освојувањето на златниот медал, Гидсел одлучи да побара помош од спортски психолог. Според неговите зборови, тој требаше да стори нешто за да ја надмине оваа ситуација уште многу порано.

„Најмногу сум разочаран што требаше да поминат два месеци пред да си признаам дека имам проблем. Можеби затоа што мислев дека е пораз да побарам помош. Сакам да покажам дека можам да играм добро подолг временски период, а не само еден месец. Луѓето очекуваат повеќе од мене, и кога нема да постигнам десет гола сигурно имаат замерки за мојата игра“, рече Гидсел.

Искусниот поранешен репрезентативец Томас Могесен има голема заслуга за одлуката на Гидсел да побара помош од стучно лице. Младиот ракометар го послуша советот и не погреши.

„Чувствувам дека се вратив и затоа можам само да им препорачам на сите млади играчи и спортисти да разговараат со професионалци за нивните проблеми. Ме промени за многу кратко време“, рече Гидсел за jyllands-posten.dk

И покрај проблемите изминатите месеци Матијас Гидсел беше во составот на Данска на последните натпевари од квалификациите за Европското првенство.