СТРУГА 2022: Вардар рутински одработи против Бутел

Екипата на Вардар ја оствари втората победа на јубилејното 50. издание на Струшкиот турнир, откако триумфираше против Бутел, со резултат 32:20 (18:8), во натпревар од групата А.

За разлика од првиот натпревар против Целје, избраниците на Кристијан Грчевски на денешниот натпревар одиграа подобро во првото полувреме, но поискусниот состав на „црвено-црните“ не дозволи да има никакво изненадување и победата веќе ја обезбеди во првото полувреме.

Бутелци во првите минути од натпреварот во два наврати имаа водство, водеа со 1:0, 2:1, и до 15 минута беа рамноправен ривал против македонскиот шампион. Ракометарите на Владо Недановски без голем притисок успешно ги завршуваја нападите во последниот дел од првото полувреме, иако во целост не ги искористуваа грешките на противникот.

Ракометарите на Вардар во 20 минута дојдоа до највисоки шест гола предност, 12:6 и веќе тука беше јасно дека бутелци ќе имаат тешка задача во дуелот со Вардар. Шанса на теренот од составот на Бутел доби 17-годишниот Петар Цветковски, кој стекна драгоцено искуство на еден од најквалитетните турнири во Европа. Како што одминуваше времето, така Вардар ја зголемуваше разликата и по 30 минути игра резултатот беше 18:8 за ракометарите на Недановски.

По пет минути игра во второто полувреме предноста на вардарци беше 22:11. При ваков резултат, двајцата тренери ги измешаа поставите, па така шанса на теренот имаа поголемиот број на ракометари од двете екипи. Вардар во 40 минута со голот на Филип Талески зголеми на 25:13, а минута подоцна, Чувара беше стрелец за 26:13.

Бутел во еден момент постигна четири погодоци во низа и ја намали резултатската негатива на 16:26. Во последните десет минути Вардар влезе со убедлива предност од 27:17 и во завршниот период не му дозволи на Бутел премногу простор за напредок во играта.