Роберто Парондо со нов успех, го однесе Египет во полуфинале на ОИ

Тренерот со кој Вардар ја освои титулата во Лигата на шампионите во 2019 година, Роберто Парондо денеска со своите момци од репрезентацијата на Египет обезбеди полуфинале на Олимписките игри во Токио откако ја надиграа и совладаа Германија со 31:26.

Египет најави победа после само неколку минути од натпреварот кога набрзина беше обезбедена предност од 6:1. Добрата одбрана и одличната организација на нападот овозможија селекцијата на Египет да има висока позитива која се чуваше без проблеми и се градеше игра која даваше резултат.

Можеше да се забележи дека Парондо ги има одлично прочитано тајните на Гисласон и дека неговите играчи многу лесно го наоѓаат патот до голот на Битер и Волф. Тоа даваше резултат, а и Хендави бранеше на ниво така што сето ова овозможи на одмор да се има 16:12.

Овие четири позитива беа само поттик за уште посигурно продолжение на средбата. Германците се обидоа да го сменат ритамот и да наметнат свое темпо, но не можеа ништо повеќе од намалување на три гола разлика. Тоа беше максимумот во второто полувреме бидејќи повеќе од три гола и не можеше да се намали.

Место ова Египет редовно се враќаше на плус пет. Откако на почетокот на последните десет минути резултатот беше намален до 21:24, следуваше силен удар и завршница од 4:0 за 21:28. На сето ова и Хендави запираше тешки удари и практично ги откажа Германците.

Египет одработи одлично во ова четврт-финале на кое Николов и Начевски имаа добро одработена задача бидејќи во поголемиот дел од средбата немаше ниту потреба да интервенираат во оваа одлична ракометна претстава во Токио.

Али Мохамед и Јахја Омар ги предводеа стрелците со по пет гола, додека четири имаше Елдера. Во Германија Гола и Кун погодија по шестпати.