Петров броеше до 12, Текстилец не дозволи изненадување против Партизан

Во натпреварот помеѓу Текстилец и Партизан во рамките од Првата лига во плеј-аут борбата, штипскиот тим беше подобар и заслужено се израдува на победата со резултат 32:27.

Домашните ракометари имаа одлично отворање на натпреварот и предводени од Петров стигнаа до водство од 6:2 по десет минути игра. Гостите од Гевгелија ги корегираа своите грешки, постигнаа неколку голови во серија и се вратија во игра во последните десет минути од првиот дел. Сепак избраниците на Павле Тодоров заминаа со четири разлика на полувреме, 13:9.

Во второто полувреме, Текстилец, продолжи со одличниот ритам и во ниту еден момент не дозволи водството да биде загрозено. Ракометарите на Партизан намалија на 20:18 и немаа повеќе сили за преостанатите минути.

Најефикасен ракометар во редовите на Текстилец беше Васе Петров со 12 погодоци. Во составот на Партизан, Ѓорѓе Банцалиски беше стрелец на 11 голови. Во следното коло составот на Текстилец ќе игра против Борец во Велес. Екипата на Партизан на свој терен силите ќе ги одмери со Преспа.