Петмина Македонци се дел од новото издание на „Ракомет за сите“

Поранешните репрезентативци на Македонија, а сега стратези на Тор и Скопје – Стевче Алушовски и Горан Кузманоски, како и тројца членови на Прилеп – Христи Бикоски, Владимир Трајкоски и Лео Дамчески, се учесници на кампот „Ракомет за сите“ во Кладово (Србија), а истиот е под водство на поранешниот тренер на Вардар и екс селектор на Македонија, Драган Ѓукиќ.

Во оваа година се одржува 12 издание на ракометниот камп на Драган Ѓукиќ, кој има за цел тренерите и младите играчи да научат многу работи од врвните ракометни стручњаци, кои своето знаење и искуство ќе им го пренесат преку различни методи на предавање.

Во претходните 11 изданија учествувале многу ракометни професионалци од сите страни на светот, а поради уникатноста и квалитетот на предавачите, ракометниот камп на Драган Ѓукиќ секоја година привлекува се повеќе млади ракометари и ракометни експерти.

На годинешното издание на ракометниот камп, меѓу предавачите е и некогашниот репрезентативец на Франција и тренер со ИХФ и ЕХФ значка, Ален Порт. На екс францускиот репрезентативец друштво му прават и Клаус Фелдман, како истакнат предавач на ЕХФ, потоа актуелниот тренер на Нексе, Бранко Тамше, прославениот ракометар од Србија, Драган Шкрбиќ, тренерот за голмани, шпанецот Александру Булиган и младиот српски тренер Александар Петровиќ.

Кампот е збогатен со предавања на истакниот спортски психолог од Србија, Бојана Јеличиќ, која на професионален план има работено во поранешниот европски шампион, Будуќност и фудбалскиот клуб Црвена Звезда, но и со многу спортисти.