Завршниот турнир во Келн од Лигата на шампиони за мажи за прв пат ќе се одржи во невообичаен термин на 28 и 29 декември како резултат на одложувањата заради коронавирусот. На турнирот ќе играат Кил, ПСЖ, Веспрем и Барселона, а интересот за ТВ пренос е огромен.
Со помош на 40 телевизиски партери преносите од натпреварите во Келн ќе можат да ги гледаат љубителите на ракометот во повеќе од 80 земји. Додека во сите земји каде што нема официјален пренос натпреварите ќе можат да се следат на сајтот ЕХФ ТВ бесплатно.
Последен на долгата листа ТВ куќи кои ќе го пренсеуваат настанот од Келн е кинеската телевизија „CCTV“ што ќе биде прв пат една телевизија од Кина да го пренесува спектаклот од четири натпревари. Преноси ќе можат да следат и гледачите од земјите во Северна Африка и средниот исток, односно Азија, како што се Египет, Бахреин, Катар, Алжир, Сирија, Саудиска Арабија, Иран, Ирак…
Од Европа скоро во сите земји ќе биде достапен пренос од завршниот турнир, интересно е што во некои земји има и повеќе ТВ куќи кои ќе вршат пренос. Тоа се однесува на Романија, Косово, Шпанија и Данска. Во скандинавската земја една телевизија ќе ги пренсеува полуфиналните дуели, додека друга дуелите од финалниот ден.
Од ЕХФ уште еднаш потврдија дека се максимално подготвени да организираат уште еден перфектен настан, каде што ќе биде посветено внимание на сите детали. Единствено фајнал форот ќе биде осиромашен за гледачи, но коронавирусот не дозволи на настанот да има публика.
Полуфиналните двојки се Барселона против ПСЖ кои ќе играат во првиот термин од 18 часот, а Веспрем и Кил ќе се борат за финале со почеток во 20:30 часот.