Металург го бара Филип Талески од Вардар – ќе го трампа за Стефан Додиќ

Сините се подготвени да направат трампа во која би барале и обештетување за нивниот играч.. Проблем за евентуалниот трансфер може да биде платата што Металург може да му ја понуди на Талевски, и дали тој би сакал да се врати во Автокоманда. Вардар го сака Додиќ, а и тој сака да замине во „Јане Сандански“.

По четири години Филип Талески (25) би можел повторно да се врати во Автокоманда и да го облече дресот на Металург. Неговиот некогашен клуб сака да го врати, а во замена за неговиот потпис е подготвен да го даде Стефан Додиќ, еден од најголемите ракометни таленти во Европа.

Како што дознава 24ракомет, веќе се разговара за условите под кои би се извршила трампата на играчите и дали освен 200 см. високиот Талески, и 18 годишниот Додиќ, би бил вклучен уште некој играч или пак Металург би барал некое дополнително обештетување.
Стефан Додиќ се уште има договор со Металург до јуни 2022 година, но постојат клаузули во договорот кои можат да бидат активирани во однос на извршување на обврските од двете страни.

Талески има мала минутажа во Вардар, во меѓувреме клубот донесе и нов интернационалец Васко Шеваљевиќ, па на таа позиција веќе има неколку играчи: Мишевски, Талески, Дисингер, Шеваљевиќ. Во Металург, Талески би играл повеќе особено откако си заминаа Маријан Мариќ и Михајло Младеновиќ. Токму во Автокоманда ги имаше најдобрите партии, но реши да замине за Германија каде секоја сезона беше за нијанса послаб.
Сега откако дојде во Вардар постојано е на мета на јавноста поради слабите партии, а навивачите не му заборавија и дека откако потпиша за Вардар во текот на летото со негови поранешни соиграчи пееja навивачки песни на Металург качени на столчиња.

Стефан Додиќ (18) е еден од најголемите светски таленти. Повеќе клубови го бараа да замине кај нив, а тој сепак реши секојдневно да патува од Врање до Скопје за да може да тренира во Металург. Сакајќи да има посериозни и поквалитетни натпревари за да може да напредува сака да замине. Тој беше повикан во репрезентацијата на Србија во квалификациите за ЕП2022 година против Франција и Грција.
Неофицијално веќе имал контакти со Вардар и изразил желба да ја смени клупската средина.

„Ние сме горди на сето она што Талески го прикажуваше во дресот на Металург додека настапуваше за нашиот клуб. На сите им е добро познат потенцијалот на овој ракометар, кој за жал прерано си замина од Металург, нешто за што одговорно тврдам дека немаше да се случи доколку јас во тој момент имав одлучувачка моќ. Верувам дека Талески и Металург се добитна комбинација, ние би добиле играч кој кога е во форма е извонреден „бомбардер“, а тој би се вратил во клуб каде што е максимално ценет, за да може да се врати во посакуваниот ритам“, изјави претседателката на Металург, Зорица Блажевска за спортскиот портал „Екипа“.

Доколку се реализира сега трансферот Талески ќе има право да игра за Металург во Лига Европа, а Додиќ за Вардар во Лигата на шампионите.
Вардар има пеколен февруари со дуели од ЛШ, а потоа почнува и домашното првенство и СЕХА лигата. Металург игра во групната фаза од Лига Европа, но без шанси да продолжи понатаму, па повеќе ќе се фокусира на домашното првенство.

Една од пречките за евентуалната трампа би била висината на платата што Талески ја има во Вардар, а претходно и во Германија. Неизвесно е дали Металург може да му понуди барем половина од тоа што го има сега, но од друга страна би добил шанса повторно да се врати во својата стара форма. Некогаш парите не се пресудни.