Ракометарките на ЖРК Куманово веќе ги почнаа подготовиките за новата сезона. Костурот на екипата е задржан со исклучок на Леонида Гичевска која е единствената ракометарка која си замина од клубот.
Екипата која имаше убедливи настапи во минатата сезона останува со исти амбиции, титули во домашното првенство и купот на Македонија. За таа цел управата на Куманово работи на засилувања на екипата.
Во Куманово веќе се пристигнати три нови ракометарки кои засега тренираат со тимот, а дополнително ќе се знае која од нив ќе го облече и дресот на ЖРК Куманово. Грузијката Кетеван Венетски која настапува на позиција десно крило има 22 години, а претходно има настапувано во првенството на Косово. Останатите две ракометарки доаѓаат од Босна и Херцеговина кои настапуваат на пикерска и бековска позиција.
„Засега имаме три ракометарки на проба, една од Грузија која покрива на десно крило и две ракометарки од Бих кои играат на пикер и бек. Тие тренираат со нас, но останува во наредниот период која од нив ќе остане во клубот. После празниците се очекува да пристигнат уште нови ракометарки од нашата земја“, соопшти претседателот од ЖРК Куманово, Бобан Пеовски.
Освен за домашните натпреварувања Куманово подготвува и екипа со која ќе може да покаже добри изданија во ЕХФ Купот. Кумановки европските натпревари ги почнуваат во третото коло, додека вториот претставник Чаир започнува од второто коло.