Екипата на Металург не успеа да се пласира во групната фаза од Купот на ЕХФ откако денеска не ја надомести негативата од пет гола против Горење. На реваншот металурзите одиграа нерешено 23:23, па на тој начин тимот од Велење оди меѓу најдобрите 16 во натпреварувањето односно во групната фаза.
Мечот го отворија со 3:0 откако одиграа добро во одбрана, а Поповиќ, Танкоски и Лазаревски реализираа. Сепак, овие три гола не можеа да ги зголемат бидејќи гостите успеваа да се одржат во резултатска игра и да намалуваат. Постојано беше гол до два за Металург, а доброто во целата ситуација беше тоа што не беше дозволено да дојде до израмнување.
На моменти се враќаше предноста од три гола, но постојано гостите намалуваа на гол или два. Сепак, во после 11:10 работите дојдоа одново во позитивен правец за Металург и одново беа обезбедени плус три. На 13:10, Серафимов пресече топка и овозможи последните 33 секунди во првиот дел да бидат за Металург. После тајм-аутот беше изработена акција во која Додиќ завршуваше, но Пањтар одбрани. Останаа пет секунди, но и Ѓорѓески врати со интервенција, па на одмор остана резултатот 13:10.
После 40 минути игра сето она што металурзите го градеа претходно беше загубено. Горење одигра подобро од стартот на вториот дел и не само што знаеше да се одржи во игра туку и дојде до израмнување на 15:15, па Металург веќе немаше можност да оди полека во „кршењето“ на противникот туку мораше да тргне со сите сили.
Ова беше прво израмнување на средбата кое внесе доза на немир бидејќи веќе беше јасно дека Горење е во голема предност и дека тешко до крајот ќе може да се обезбеди подобар резултат. На 22:19 Металург имаше шанса за да дојде до плус четири, но Танкоски не реализираше удар од седум метри за плус четири, а потоа беше примен гол. На тој начин се овозможи противникот да се врати на плус два.
Место тоа на крајот металурзите си дозволија дури и да ги загубат овие два гола позитива, па во последните секунди се влезе со нерешени 22:22. До крајот имаше уште по еден гол, па на крајот ракометарите од Словенија беа тие коишто се радуваа.
МЕТАЛУРГ – ГОРЕЊЕ 23:23 (13:10)
Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 500. Судии: Борис Мандак и Марио Рудински од Словачка. Делегат: Емир Бешлија од Црна Гора.
МЕТАЛУРГ: Дупјачанец (9 одб.), Ѓорѓески (1 одб.), Кондев, Јагуриноски 1, Поповиќ 5, Дупјачанец, Шилегов, Танкоски 6, Мариќ 4, Серафимов, Лазаревски 3, Младеновиќ, Чантурија 3, Кбилашвили, Додиќ, Маркоски, Арсеновски 1.
Седмерци: 2/3, Исклучувања: 10 мин.
ГОРЕЊЕ: Талетовиќ (2 одб.), Пањтар (10 одб.), Целминс, Мазеј, Хасељиќ 2, Матановиќ 1, Левц, Сол 1, Миклавчиќ 2, Дробез, Вердинек 9, Грмшек, М. Кавчиќ 3, А. Кавчиќ 3, Оллесцен 2, Бојаниќ.
Седмерци: 5/5, Исклучувања: 8 мин.