Дебитантот Скопје 2020 го доби прволигашкото дерби против Металург РА

Дербито од Групата Б во Првата машка лига меѓу Скопје и Металург РА им припадна на ракометарите на Скопје 2020 кои триумфираа со 33:31. После победата над главниот ривал за првото место во групата новиот прволигаш останува на врвот на табелата со максимално постигнување од шест одиграни кола.

Екипата на Металург РА лошо го почна дуелот, а во продолжение се покажа дека тоа беше клучно за победникот на овој дуел. Скопје поведе со 10:3, а Металург се обиде да се врати, но во завршните минути од првиот дел разликата повторно беше на високи седум за Скопје кој имаше водство од 17:10 на полувреме.

Почетокот на второто полувреме не донесе ништо ново и Скопје го одржуваше водството. Најмногу што успеаја да направат играчите на Игор Котевски беше да намалат на минус еден, но попуштија во завршницата и беа поразени. Скопје во одлучувачките моменти направи 3:0 серија и обезбеди недостижна предност за нова победа.

Најефикасен во тимот на Скопје беше Бојан Чакалиќ со десет гола, Леонид Киселовски погоди осумпати, додека Марио Мишевски беше прецизен петпати. Во екипата на Металург РА најмногу се истакна Филип Фидановски со седум гола, додека по пет постигнаа Лазар Додиќ, Филип Николови и Димитар Ристовски.