Двајца „Македонци“ на првиот список на Шола

Новиот селектор на машката сениорска репрезентација на Црна Гора, Владо Шола го објави поширокиот список на играчи пред двомечот со Словенија од квалификациите за пласман на ЕП 2024 година.

На списокот кај Шола има двајца ракометари кои настапуваат во македонската Суперлига. Тоа се голманот Јагош Брауновиќ од Тиквеш и десното крило од Еурофарм Пелистер, Мирко Радовиќ.

Во однос на составот кој избори пласман на Светското првенство 2023, го нема Стеван Вујовиќ. Како што е веќе познато, од црногорската репрезентација се повлече Васко Шеваљевиќ, додека поради повреда нема да настапат Немања Грбовиќ и Марко Ласица.

Сепак, Црна Гора за дуелите со Словенија ќе биде посилна со десниот бек Стефан Чавор. Членот на Вецлар неодамна се врати на терените, откако поради повреда го пропушти настапот на Мундијалот оваа година.

Црна Гора на 9 март во Подгорица ќе го одигра првиот дуел против Словенија. Реванш натпреварот ќе се одигра на 12 март во Копер.

Црногорската репрезентација квалификациските натпревари за пласман на Европското првенство 2024 ги стартуваше со две победи, против Косово и БиХ.