Данците очекуваат да има по 5.000 гледачи во салите на ЕП 2020

Ракометната федерација на Данска се надева дека на натправерите од Европското првенство 2020 за жени на кое се ко-домаќини со Норвешка, арените ќе можат да бидат барем до половина исполнети.

Коронавирусот направи големи проблеми на организаторите кои ќе се соочат со значително помали приходи од влезници на првенството. Данска ќе игра во Хернинг, во Арената „Јиске Банк Боксен“ која има капацитет од 11.000 места.

Сепак, во овие услови Данците се надеваат дека на натпреварите ќе можат да присуствуваат од 4.440 до 5.000 навивачи. Федерацијата ќе работи според истиот протокол како што е во домашното првенство каде што трибините се поделени и се одржува растојание помеѓу навивачите.

„Приходите од билетите се наш примарен извор на финансирање кога треба да одганизираме вакво првенство. Има премногу неизвесности за да се каже што точно тоа ќе значи за нас од финансиски аспект доколку не можеме да имаме исполнети сали. Тешко е да се превиди нешто во ситуацијата во која се наоѓаме“, рече директорот на данската федерација Пер Лауритсен за ТВ2 Спорт.

За разлика од Данска, Норвежаните одлучија да имаат многу помалку навивачи на натпреварите. Според генералниот секретар на федерацијата се очекуваат максимум по 200 гледачи на натпервар од Европското првенство. Исто така федерацијата одлучи наместо во Осло и Ставангер, сите натпревари да се играат во Трондхајм.

Европското првенство во двете скандинавски земји треба да се игра од 3 до 20 декември и ќе учествуваат 16 репрезентации.