„Вујо има посебен шмек и харизма, со Ѓукиќ имавме различни погледи, Дејвис носи скриен темперамент“

Интересно за Стојан Петрушевски е што како тренер во Вардар соработувал со плејада големи имиња – Живковиќ, Обрадовиќ, Мирошевиќ, Ѓукиќ, Вујовиќ, Петковиќ, Стрезовски… Од сите тренери научил нешто.

Исто така дека го сакал југословенскиот систем на игра низ кој растел, додека шпанскиот кој Раул Гонзалез го донесе во Вардар му било тешко да го прифати.

„Ако почнам да набројувам сигурно дека ќе заборавам некој од тренерите (се смее). Со сите имав добра соработка. Секој носи нешто свое, свој стил и начин на работа, секој е посебен и од секој може нешто да научиш. Од сите, со Ѓукиќ еден кус период не бевме во најдобри односи, се разидувавме во ставовите, имавме различни мислења, но тој беше многу посветен на работа и на ракомет. Вујовиќ ќе го издвојам, има посебен шмек и харизма и може многу да се научи од него. Користи некоја југословенска школа и методи, кои се спротивни на овие кои Вардар ги гаи во последната деценија со шпанскиот систем. Интересно е да се води екипа на тој начин, да се дозира – кога и како да се направи притисок, дури и при подготовка на екипата, да се знае кога да се измотивира, кога да се даде слобода… Живковиќ носеше со него багаж од доживувања и тежина од сите негови титули и се чудев како човек на тие години може да работи со таков жар. Богољуб Периќ, бев почетник и имав друго мислење и сфаќање за ракометот како играч, но тој ми ја даде волјата и желбата за она што се занимавам… Како станувате поискусен имате сè помалку работи да купите. Ми беше тешко да го прифатам шпанскиот систем кога дојде Раул Гонзалез во Вардар. Не го сакав на почетокот, бидејќи долги години работев со тренери кои играа според југословенски систем и тоа беше нешто наше. Но, во Вардар мораше сите да работиме по системот на Раул (тоа беше наредба). Тој одржа два куси семинари и не воведе во процесот, а потоа како навлегував во системот, сфаќав дека е се подобар и подобар. И, денеска од Дејвис учам нешто. Тој е тренер кој внимава на сите елементи – статистика, анализа… Има некој скриен темперамент во него, смиреност и фокусираност. На нас Балканците тоа не ни е јасно (се смее). Него на натпревар ништо не може да го исфрли од колосек, тој е насочен на екипата и можеби тоа е она вистинското, не дозволува ништо да го извади од контекст и од посветеноста на играта само на неговиот тим.“

Подолу погледнете го комплетниот разговор со Стојан Петрушевски…

ИНТЕРВЈУ СТОЈАН ПЕТРУШЕВСКИ: Животот ми е ракомет, Вардар ми е дома – ќе се разболам ако заминам од клубот!