Вујовиќ назначи еден помошник: Рогановиќ ќе ги тренира голманите на Вардар

Екипата на Вардар се комплетира за следната сезона, а новиот тренер Веселин Вујовиќ го формира стручниот штаб во кој како тренер на голманите ќе го има Александар Рогановиќ. Тренерот од Црна Гора кој има 59 години и во моментов работи како тренер на кадетите во репрезентацијата на Црна Гора ќе биде еден од помоѓниците на Вујовиќ така што тој ќе има задача да се грижи за формата на Томовски, Ристовски и Сафер.

Рогановиќ за себе има богата кариера во која има работено во неколку репрезентации. Тој е дипломиран тренер на Универзитетот за спорт во Црна Гора на отсекот ракомет. Кариерата како тренер ја почна во 1988 година, а работеше како тренер на голманите на СР Југославија, а потоа и на Србија и Црна Гора. Откако двете земји се разделија продолжи со тренирање на голманите на Црна Гора.

Од 2004 до 2006 година тој работеше во националниот тим на Мундијалот во Тунис и Европското првенство во Словенија. Како прв тренер на Ловќен стана шампион на Црна Гора во 2009 година, а потоа беше тренер на голманите на женската репрезентација на Црна Гора и на младинскиот тим на Будуќност.

Покрај тоа работеше и во Обединетите Арапски Емирати, а со Веселин Вујовиќ соработуваше во тимот на Ал Шабах во Дубаи, додека потоа работеше и во Ал Џезеира во Абу Даби. Во Црна Гора се врати во 2016 година и повторно беше шампион на својата земја. До 2019 година работеше во Копер и Железничар каде што ја обнови соработката со Веселин Вујовиќ. Во моментов е на позицијата тренер на голманите на кадетите на репрезентацијата на Црна Гора.