Велика Британија нема да игра на ЕХФ шампионатот во Македонија

По долгите дискусии и деталното разгледување, ракометната асоцијација на Велика Британија одлучи да ги повлече репрезентативните тимови од настап во тековната 2021 година. Причината за нивно повлекување е ситуацијата со ковид-19 во светот, но и во одредени земји низ Европа.

На почетокот на јуни, сите тренери од Велика Британија беа информирани дека ракометната федерација начелно се согласила тие да не испраќаат ниту еден тим во земја што не е на зелената листа на патувања на владата од Обединетото кралство.

Владата истакнала дека многу мала е веројатноста некоја од земјите домаќини што требаше да ги угости репрезентативните тимови на државата да биде додадена на зелената листа за патување и покрај тоа што списокот за патување во одредени земји се ажурира периодично.

Велика Британија требаше да настапи во Бугарија со машка репрезентација на ЕХФ шампионатот до 18 години, додека женската репрезентација до 17 години требаше да патува во Литванија на ЕХФ шампионатот, а женската репрезентација до 19 години требаше да настапи на ЕХФ шампионатот во Македонија, од 10 до 18 јули.