Екипата на Аеродром која е на чекор од обезбедување на место во плеј-офот во Првата машка лига сериозно се засилува за пролетниот дел од сезоната. Ново име е голманот Мурат Куртановиќ, кој во првиот дел од сезоната бранеше за екипата на Работнички, а претходно го носеше и дресот на Јуниор Кисела Вода.
Со доаѓањето на Куртановиќ полека се затвора играчкиот ростер за вториот дел од сезоната и се покажуваат сериозни амбиции за добар резултат бидејќи во тимот ќе бидат и двајца играчи на Металург, Михајло Младеновиќ и Стефан Додиќ кои играа и на последниот натпревар од есенскиот дел од првенството.
Покрај тоа ангажиран е и десен бек од Прилеп, а станува збор за Мирче Георгиев така што овие играчи заедно со младите во екипата треба да донесат квалитет плус и да овозможат Аеродром да се бори и за високо место и во плеј-офот.
Тимот на Аеродром дебитираше во сениорска конкуренција минатата година, а во оваа сезона покажува далеку поквалитетни игри и е со многу поголеми амбиции.