📷 „Рибари“ со поддршка за „гладијаторите“ – тимот од Автокоманда доаѓа во Охрид на дерби двобој

Денеска на програмата е дербито од шестото коло во Супер лигата, во кое Охрид ќе го пречека тимот на Кирил Лазаров во СРЦ „Билјанини Извори“. Натпреварот е закажан за 18:30 часот, а се очекува вистинска ракометна атмосфера и исполнета сала до последното место.

Охриѓани во оваа пресметка влегуваат по убедливиот пораз од Вардар на гостински терен, а сега пред домашната публика, „гладијаторите“ ќе имаат можност да покажат дека имаат квалитет да се борат за највисоките позиции и дека со право се сметаат за едни од главните кандидати за шампионската титула.

Дека интересот за дербито е голем, потврдува и поддршката што охридските навивачи му ја дадоа на тимот синоќа. Фановите дојдоа на последниот тренинг на „гладијаторите“ за да им дадат дополнителен мотив пред важниот натпревар.

Сè е подготвено за ракометен спектакл во Охрид, во кој домашниот тим ќе бара враќање на победничкиот пат, а гостинската екипа, која досега има пет од пет ќе биде на тежок испит.