СТРУГА 2022: Битолчани триумфално против АЕК за ново финале

Екипата на Еурофарм Пелистер ќе игра во финалето на јубилејното 50. издание на Струшкиот турнир, откако во последниот натпревар од групната фаза триумфираше против незгодниот состав на АЕК Атина, со резултат 27:26 (12:16). Тоа ќе биде шанса за освојување на 13. трофеј за битолчани во Струга.

И повторно битолчани приредија инфаркт завршница кад епобедникот беше решен во последната минута. Еурофарм Пелистер водеше во последната минута, а АЕК имаше напад за израмнување. Но, на македонскиот тим му требаше и реми за да биде финалист. Сепак со триумф го завршија групниот настап на турнирот.

Двете екипи во вечерашниот дуел имаа свои моменти, падови, а подобар противник во клучните моменти беше тимот на Ларс Валтер. Противник на Еурофарм Пелистер во утрешното финале, кое ќе се одигра со почеток од 21:15 часот ќе биде словенечкиот шампион Целје, кој исто така групната фаза ја заврши без пораз.

Тимот од Битола со погодоците на Хосни и Пешевски поведе во воведниот дел со 2:1. Бековска тројка на Еурофарм Пелистер, кои ја сочинуваа Танкоски, Сери и Хосни, одлично се снаоѓаше во првите петнаесетина минути против грчкиот вицепрвак, па така по пет минути игра, водството на „фармацевтите“ беше плус два гола разлика, 4:2. По водството на Еурофарм Пелистер од 5:3, следуваа два гола во низа на гостите од Атина за изедначување на резултатот, 5:5.

Еурофарм Пелистер со расположениот Танкоски повторно дојде до плус два гола разлика, 7:5. АЕК Атина се обидуваше да остане во игра и да фати резултатски приклучок. Избраниците на Ларс Валтер, откако имаа предност од 9:7, им дозволија на ракометарите на АЕК Атина да израмнат на 9:9 во 15 минута. Двете екипи влегоа во серија на технички грешки, а Флоридо во 20 минута му го донесе првото водство на својот тим од 10:9.

Следуваше период во кој ракометарите на Еурофарм Пелистер не можеа да го совладат голманот Иван Мацкевич, кој бранеше одлично во моментите кога неговите соиграчи започнаа да ја зголемуваат резултатската предност. Претставникот од Грција на пет минути пред крајот на првиот дел за првпат поведе со четири гола разлика, 15:11, откако претходно резултатот беше 11:11. Битолчани со голот на Емилијан Ѓорговски излегоа од кризата и намалија на минус три гола негатива, 12:15. По 30 минути игра, резултатот беше 16:12 во корист за грчкиот вицепрвак.

Струга 2022: АЕК – Еурофарм Пелистер

 

Во второто полувреме беше сосема јасно дека Еурофарм Пелистер ќе мора да одигра поквалитетно во одбрана. Во 35 минута резултатот беше 17:15 за екипата на АЕК Атина. Во моментите кога се кршеше резултатот се разбрани Лесјак, а со погодоците на Сери и Радовиќ, Еурофарм Пелистер успеа да се врати во игра и да изедначи на 17:17. Битолчани продолжија со одличната серија и во 38 минута направија целосен пресврт, поведоа со 18:17.

При резултат од 19:19 во 45 минута, Ојлески и Костески на македонскиот вицепрвак му донесоа два гола предност, 21:20, но составот на АЕК Атина повторно дојде до израмнување, 21:21. АЕК Атина во последните осум минути влезе со два гола предност, 24:22, искористувајќи ги сите грешки на противникот. Сепак, со два гола во низа, тимот предводен од Валтер израмни на 24:24, а во 57 минута, Танкоски од контра беше ефикасен за 25:24. Во последните две минути, Еурофарм Пелистер го сочува водството и не дозволи да има никакво изненадување.