Пролет подобар во дербито со Тиквеш

Пролет се зацрвсти на втората позиција од група Б во македонската Суперлига откако на домашен терен беше поуспешен од директниот конкурент Тиквеш од Кавадарци. Скопјани славеа победа од 24-19(13-9) и ја задржаа втората позиција на табелата веднаш зад Еурофарм Пелистер, на третата позиција и покрај поразот е Тиквеш со 4 бодови помалку од Пролет.

На самиот вовед во дуелот домашните ракометари создадоа предност од три голови и не дозволија противниците да се вратат во натпреварот. Во првиот дел разликата најчесто се движеше околу два погодока. Тиквеш успеваше да се врати во натпреварот во два наврата на почетокот и финишот на првиот дел, но не го израмни резултатот ниту еднаш, иако имаше неколку шанси за тоа. На спротивната страна Пролет броеше до највисоки „плус четири“, разлика која успеаа да ја задржат по финишот на триесетте минути за конечни 13-9.

Веднаш по паузата домашните ракометари ги поставија првите „плус шест“ откако постигнаа два гола во низа за 15-9, и ја најавија новата победа во суперлигата. Играта на кавадарчани беше прочитана, одбраната на Пролет сигурна, а промашените обиди на домашните и повремените блесоци на гостинските ракометари ја одржуваа разликата меѓу двата тима под десет голови. На крајот Пролет славеше победа со конечен резултат 24-19.

Михаил Аларов ја предводеше листата стрелци со 6 голови, го следеа Џонов со 5 како и Јагуриновски и Пецаковски со по 4 голови за екипата на Пролет. Кај гостите од Кавадарци, Лазов, Симиќ и Хамзиќ постигнаа по 4 погодоци.