Мојсовски: Спортистите и федерациите ќе добијат помош од три милиони евра!

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски денеска одржа прес-конференција на која зборуваше за континуираното вложување и обезбедување услови за квалитетни спортски можности.

На прес-конференцијата Мојсовски информираше подетално за одлуката на Владата да одобри 184,5 милиони денари, односно околу 3 милиони евра од програмите за ковид мерките за спортистите и спортските федерации за непречено спроведување на нивните активности и во овие вонредни услови заради пандемијата со КОВИД-19.

„Задоволство ми е што денеска од тука, од Владата на Република Македонија имам можност да зборувам за поддршка на спортот и спортските работници.

184,5 милиони денари, односно 3 милиони евра, пари од државниот буџет ќе се насочат кон спортските субјекти на кои им е издаден ваучер согласно Законот за спорт. 666 спортски субјекти, 60 федерации и 173 спортисти досега добиле спортски ваучер. Ова е бројот на субјекти кои се опфатени со оваа мерка. Средствата од Буџетот на Република Македонија, се дел од програмите за справување со последиците од КОВИД-19 кризата. Веќе една година сме соочени со тешкотии и проблеми во функционирањето заради коронавирусот и финансиска поддршка на спортските чинители во државата е еднакво потребна.

Со оваа владина одлука, усвоена на 65-тата седница, на наменските сметки на спортските субјекти на кои им се издадени ваучери за 2021 година, ќе им бидат уплатени најмногу до 30% од вредноста на издадениот ваучер како еднократна финансиска помош, утврдена во официјалната листа на спортски субјекти кои се објавени на веб страната на Агенцијата за млади и спорт.

Процедурата е едноставна и брза. Управата за јавни приходи до Агенцијата за млади и спорт, ќе достави листа на спортски субјекти кои се корисници на спортскиот ваучер и кои имаат поднесено и одобрено барање за даночно ослободување за донирање финансиски средства на спортски субјекти.

Веднаш потоа, Агенцијата за млади и спорт ќе изврши евалуација на листата и до УЈП ќе достави листа на спортски субјекти и износ за користење на остатокот од ваучерот кој им издаден за 2021 година, по што конечната листа ќе биде доставена до Генералниот секретаријат на Владата и ќе следува исплатата.

Почитувани граѓани,

Драги спортисти и вљубеници во спортот, Владата и Агенцијата за млади и спорт, континуирано вложуваат во спортот, со што се создаваат услови за непречено спроведување на активностите на спортските федерации, клубови и индивидуални спортисти.

Тука сме со поддршка и сега, во време на пандемија, да направиме сѐ за да овозможиме развој, поголем простор и повеќе средства за нови спортисти и рекреативци. Ветивме дека спортот ќе го добие своето заслужено место и поддршка и тоа го остваруваме.

И во време на здравствена и економска криза, силно сме посветени на изнаоѓање решенија со коишто спортот и сите спортски работници, во континуитет ќе бидат поддржани со цел да може да функционираат непречено.“

Многу ракометни клубови се соочија со финансиски потешкотии за време на пандемијата, па овие финансиски средства сигурно добро ќе им дојдат за да се справат со кризата.