Лазаров и колегите тргнаа по Ф4 во Келн, го „уништија“ составот на Веспрем

Ракометарите на Нант забележаа голема победа на дуелот против Веспрем со 32:28 и си обезбедија убава предност за реваншот следниот четврток во Унгарија, а со ова практично најавија атак нов пласман на Ф4 турнирот во Келн. На крајот резултатот не делува така убедливо, но играта која што беше прикажана беше дефинитивно убедлива и одлична.

Дека елиминирањето на Келце не беше случајност се виде денеска кога ракометарите на Нант одработеа одлично пред сè во одбраната, па потоа користеа можност во нападот да казнат и да дојдат до убав резултат.

Почетокот од средбата им припадна на ракометарите на Веспрем, кои го диктираа темпото, а на средината од првото полувреме имаа 10:7. Сепак, тука со 5:0 за шест минути ракометарите на Нант ги свртеа работите во своја корист. Успеаја да го преземат водството и тука да имаат и целосна контрола на резултатот.

Кирил Лазаров имаше голем удел во пресвртот и градењето на предноста која на паузата беше четири гола, 16:12.

Почетокот на второто полувреме донесе вистински пекол за тимот на Веспрем. Домашните играа одлично и брзо дојдоа до 19:12 (34. минута). Овие седум гола делуваа огромни бидејќи даваа само дополнителен елан за ракометарите на Нант.

Спасителот на Веспрем беше голманот, Родриго Коралес кој успеа да запре многу зицери. Тој го врати тимот од Унгарија во игра и придонесе за намалување на негативата така што овозможи да биде интересно до крајот. Гостите во финишот намалија, а на крајот беше 32:28 откако во последните минути Нант беше и со двајца ракометари помалку.

Сепак, и вака четири гола се огромни, па ќе биде навистина интересно на реваншот каде што ќе може одново да се види одличен ракомет.

Денеска најефикасен во редовите на Нант беше Валеро Ривера со шест гола, додека Лазаров заврши со четири погодоци. Во редовите на Веспрем, Маргуч имаше осум гола.