Бутел лесно ги грабна трите бода кај Куманово

Ракометарите на Бутел во рамки од 12. коло гостуваа во Куманово кај истоимената екипа и без многу проблеми дојдоа до рутинска победа од 31:19. Бутел со новите освоени бодови ја презеде третата позиција на табелата во групата А, моментално, има 24 бода, додека Охрид, кој денес беше поразен од Вардар остана на 21 бод.

Домаќините предводени од Мрвовиќ и Димитров во најголемиот дел од првото полувреме одржуваа чекор со ривалот, на моменти покажуваа квалитет и одлично му парираа на гостинот, но поради кратката ротација, немаа премногу опции за изненадување. Резултатот во четири наврати беше нерешен (3:3, 5:5, 6:6, 7:7). Ракометарите на Грчевски со два гола во низа се одлепија на 9:7 и до крајот на првото полувреме беа подобриот противник на теренот.

Куманово на моменти успеваше да дојде до гол негатива, но техничките грешки во редовите на домашниот табор беа причина за гостите да одржуваат минимално водство. Гостинските ракометари беа по конкретни при финишот од првите 30 минути, разигран беше еден од клучните играчи во тимот на Бутел, Николов и составот на Грчевски на полувреме замина со предност од 14:11.

Во вториот дел целосно се распадна играта на домаќините, кои не можеа да фатат ритам и немаа никакви шанси за надигрување. Кај гостите шутерски расположен беше и Ѓеоргиевски и веќе по неколку минути игра во вториот дел Бутел дојде до 16:11. На многу лесен начин гостинот стигна и до двоцифрена разлика (25:15), во последниот период зголеми на поубедлива предност и успешно ја запиша осмата победа во новата натпреварувачка сезона.

Најефикасни во победничката екипа беа Филип Николов со осум, Димитар Георгиевски со шест и Бојан Спасовски со пет погодоци. Кај домаќините, стандардно Вучко Мрвовиќ ги предводеше стрелците со осум гола.