Тимот на Веспрем го доби и вториот финален натпревар од плеј-офот против ПИК Сегед и успеа да ја одбрани шампионската титула во унгарскиот шампионат.
Избраниците на Момир Илиќ победија на двата натпревари против вечниот ривал, на првиот триумфираа со 35:28, додека на вториот дојдоа до победа од четири гола разлика, 34:30.
Во вториот финален натпревар, двајцата репрезентативци на Франција, Хуго Деска и Недим Ремили беа предводници во нападот на Веспрем, постигнаа по пет погодоци.
Кај тимот на ПИК Сегед се истакнаа Лука Степанчиќ, Бенце Банхиди и Марио Шоштариќ, сите тројца имаа по четири реализации.
Веспрем досега има освоено 28 титули во најквалитетното натпреварување во Унгарија, пред извесен период, исто така против ПИК Сегед, го освои Куп трофејот.
Ракометарите на Веспрем за следната сезона си обезбедија директно учество во ЛШ, а клубот од Сегед ќе мора да аплицира за вајлд-карта за настап во елитата.