Вардарки победнички низ Штип

По ремито со Куманово, како и поразите од Металург Автокомана и Ѓорче Петров, ракометарките на Вардар ја запишаа првата победа во плеј-офот од Женската лига.

Вардар славеше на гостински терен кај Астибо со убедливи 33-20, а на полувреме имаше водство од 17-8 кога беше најавена победата.

Штипјанки парираа петнаесетина минути до 8-7, а потоа тргна серија на Вардар од осум гола и немаше потоа дилеми околу победникот.

Второто полувреме во кое шанса за настап добија сите ракометарки, беше само формалност и немаше големи возбудувања.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Леона Миленковска со шест и Јасмина Попова со пет гола, додека Марија Анчева даде девет за Астибо.