Вардар мисли на иднината – средниот бек Нечовски добива шанса во првиот тим!

Македонскиот шампион Вардар покажа дека мисли на иднината и го вклучи македонскиот талент Никола Нечовски во првиот тим.

Тој потпиша договор со првиот тим на три сезони и ќе добие шанса од тренерот Иван Чупиќ за докажување покрај Јака Малус и Матео Фадуил.

„Промоција во првиот тим со договор на три сезони и шанса за докажување во сениорска конкуренција ќе добие младиот Никола Нечовски кој беше лично селектиран од страна на Иван Чупиќ и спортскиот директор Владо Недановски. Промоцијата на Нечовски во првиот тим, треба да биде поттик и за сите останати играчи кои се дел од нашите младински категории, дека со сериозен пристап и напредок може да се стигне и до сениорскиот тим. Нечовски во наредната сезона, треба да претставува надополнување на плејмејкерската позиција каде Јака Малус и Матео Фадуил ќе го понесат главниот товар“, објавија од клубот.

Покрај промоцијата на Нечовски, Вардар потврди дека е продолжена соработката со кондицискиот тренер Матеј Јовановски и за наредната сезона.