Машката младинска репрезентација на Македонија ќе се бори за 9 место на Европското првенство во Словенија, откако ја совлада селекцијата на Унгарија со 27-26 во интересен натпревар. Победникот беше решен во второто полувреме, кога Македонија по негативата од минус три, со одлична одбрана помогната од Брестовац, направи комплетен пресврт и отиде на плус три. До крајот Унгарија успеа да намали на минус еден, но немаше време за нешто повеќе.
На стартот Галевски беше одличен, но и Борсос на спортивната страна одбрани неколку удари, па мечот тргна израмнето. Се погодуваше и промашуваше наизменично на двете страни и по дваесетина минути беше 10-10.
Ристевски изнуди исклучување и пенал, кој го реализираше Узунчев, а по одбраната на Галевски, Карасманакис ја казни унгарската грешка и Македонија за првпат во мечот водеше со плус два, 12-10.
Беше и 14-12, но следуваше промашување, па одбрана на Борсос и Унгарија за кратко време се врати во егал, 14-14. Ние пет минути не постигнавме гол, во еден моменти имавме и двајца помалку на терен, па Унгарија со водство од два гола, 16-14, замина на пауза.
Карасманакис го отвори вториот дел со погодок, 16-15, потоа имавме и шанса за реми, но шутот на Белистојаноски заврши како плен на Борсос. Потоа Стојановски беше исклучен, па Унгарците отидоа на плус три, 18-15.
Со нетипична 3-3 одбрана, малку ги збунивме унгарските бекови, не беше течен нивниот напад и со три гола во серија, Македонија се врати во мечот, 18-18. Брестовац фати зицер, Митев два пати беше прецизен и нашите ракометари по долго време се вратија во водство, 20-19.
Брестовац одбрани и пенал и ни даде можност за плус два, но Митев сега не погоди. Унгарскиот напад не беше течен, Брестовац фати уште два удари, а на другата страна казнија Белистојаноски и Михајловиќ и Македонија на десет минути до крајот водеше со 23-20.
Тоа беше причина унгарскиот селектор да побара минута одмор. Им дадовме две прилики на противниците да намалат на минус еден, но не успеаја, па Митев ги казни и Македонија одново беше на плус три, 24-21.
Беше и 25-23, но Унгарците иако со играч помалку постигнаа гол за минус еден, а потоа уште еднаш се сплетка нашиот напад, а Брестовац беше тука да спречи нов гол на противникот.
Имавме плус три на стартот на послендата минута, 27-24, Унгарија намали на минус еден, но топката ја задржавме до крајот во посед и немаше време за ривалот да се надева на нешто повеќе. Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Узунчев со осум гола и Карасманакис со пет, додека голманите Брестовац и Галевски комбинираа 12 одбрани, секој по шест.
Последниот натпревар на Европското првенство, Македонија ќе го одигра в недела против победникот од дуелот меѓу Франција и Хрватска за 9 место на ЕП.